Трговско право

Основање фирма во Северна Македонија: водич чекор по чекор

Илустрација: Основање фирма во Северна Македонија: водич чекор по чекор

Имате идеја, имате план, можеби веќе го имате и првиот клиент. Останува уште еден чекор: фирмата да постои и формално. Добрата вест е дека во Северна Македонија регистрацијата е електронска и, кога документите се уредно подготвени, во пракса целата постапка трае неколку дена. Во овој водич ќе прочитате кој може да основа фирма, кој облик да изберете, што треба да подготвите и што ве чека по регистрацијата.

Кој може да основа фирма

Фирма можат да основаат домашни и странски физички лица, како и домашни и странски правни лица, под исти услови. Во едно друштво можат да има и домашни и странски основачи, а едно лице може да биде основач на повеќе друштва.

Законот за трговските друштва (член 29) предвидува и пречки. Основач не може да биде, на пример, лице правосилно осудено за лажен стечај, лице на кое му е изречена забрана за вршење дејност додека трае забраната, или правно лице чија сметка е блокирана.

ДООЕЛ или ДОО?

Законот познава пет облици на трговски друштва: јавно трговско друштво, командитно друштво, друштво со ограничена одговорност, акционерско друштво и командитно друштво со акции. Во практиката најчесто се избира друштво со ограничена одговорност, бидејќи содружниците не одговараат со својот личен имот за обврските на друштвото.

  • ДООЕЛ е друштво со ограничена одговорност со еден содружник.
  • ДОО има двајца или повеќе содружници, а нивните односи се уредуваат со договор за друштвото.
  • ПДОО (поедноставено друштво со ограничена одговорност) е облик наменет за почетници и мали бизниси: основна главнина од само 1 евро, најмногу тројца основачи кои можат да бидат само физички лица, а еден од нив е управител.

Што да подготвите пред регистрацијата

  1. Назив. Се состои од опис на дејноста, главен назив, облик и град, на пример: Друштво за трговија и услуги ПРИМЕР ДООЕЛ Скопје. Скратениот назив е ПРИМЕР ДООЕЛ Скопје.
  2. Седиште. Точна адреса на која друштвото прима пошта. Сите службени писма доставени на таа адреса се сметаат за примени.
  3. Основна главнина. За ДОО и ДООЕЛ најмалку 5.000 евра во денарска противвредност. Влогот може да биде паричен или непаричен (опрема, возило, недвижност); непаричниот влог по правило го проценува овластен проценувач. Влогот не мора да се внесе пред регистрацијата: законот дозволува паричниот влог да се уплати, а непаричниот да се внесе, во рок од една година од уписот.
  4. Содружници и удели. Кај ДОО содружниците сами договараат колкав удел има секој од нив.
  5. Управител. Деловно способно физичко лице, кое може да биде и самиот основач. Овластувањата на управителот се определуваат во основачкиот акт.
  6. Претежна дејност. Шифра од Националната класификација на дејности. Може да се запише и општа клаузула за бизнис, со која друштвото може да врши и други дејности за кои не е потребна посебна дозвола.
  7. Е-пошта на друштвото и банка во која ќе се отвори првата сметка.

Потребни документи

  • Изјава за основање (за ДООЕЛ) или договор за друштвото (за ДОО).
  • Изјава дека не постои пречка за основачот (член 29 од Законот за трговските друштва).
  • Изјава за дејствијата преземени при основањето (член 32 од Законот за трговските друштва).
  • Изјава на управителот дека го прифаќа изборот.
  • Копија од лична карта за домашните основачи.
  • За странски основачи: копија од пасош заверена кај нотар и превод на македонски јазик заверен од судски преведувач.
  • Доказ за регистрација, ако основач е правно лице.
  • Ако се внесува непаричен влог: извештај за проценка и доказ за сопственост.

Регистрација во Централниот регистар

Пријавата и документите се поднесуваат електронски, преку системот на Централниот регистар. Пријавата ја поднесува регистрационен агент - адвокат. По уредна пријава, Централниот регистар донесува решение за упис, а друштвото добива единствен матичен број (ЕМБС) и даночен број (ЕДБ). Од тој момент фирмата постои.

Што следува по регистрацијата

  1. Вистински сопственик. Во рок од 15 дена од уписот, податоците за вистинскиот сопственик се внесуваат во Регистарот на вистински сопственици (член 31 од Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам). Вистински сопственик е физичкото лице кое, непосредно или посредно, поседува повеќе од 25% од друштвото или има контрола над него.
  2. Банкарска сметка. Управителот ја отвора во банката наведена при регистрацијата.
  3. Сметководство. Друштвото води деловни книги и поднесува даночни пријави, па вреди сметководителот да се избере уште на почетокот.
  4. Вработени. Секој вработен се пријавува во задолжително социјално осигурување пред да почне со работа.

Фирма на странец

Странците основаат фирма под исти услови како домашните лица, а бидејќи постапката е електронска, документите можат да се потпишат пред регистрационен агент без чекање во редици. Сепак, самото основање на фирма не дава право на престој. За престој е потребна посебна постапка, на пример по основ на вработување; потребните документи ги опишавме во објавата Дозвола за престој на странец во РС Македонија (вработување).

Ви треба помош?

За повеќе информации или за помош при основање на фирма, обратете ни се преку формата за контакт, на телефонскиот број +389 75 851 918 или на е-пошта info@lexteam.mk.

Напомена: Оваа објава не претставува правен совет и не може да се смета за упатство за постапување во конкретен случај. Доколку сакате правно советување, закажете консултација преку формата за контакт или на телефонскиот број +389 75 851 918.

Област на работаТрговско право

Имате слично правно прашање?

Опишете ја ситуацијата и ќе ве поврземе со вистинскиот адвокат од тимот.

Закажи консултација